Со трактори и останата земјоделска механизација земјоделците од општина Чешиново Облешево денеска напладне го блокираа магистралниот пат Штип-Кочани кај селото Облешево, со што го искажаа својот револт за како што велат, воведувањето на двојазичност во државата.
"Не сакаме воведување на втор службен јазик во државата особено во градовите во источна Македонија каде што нема ниту едено албанско семејство. Не сакаме да живееме во држава во која народот се дели и се прифаќаат туѓи платформи кои нема да донесат подобра иднина за нас и нашите семејства", истакна Љупчо Николов, земјоделец од село Чешиново.
Денешната блокада на магистралниот пат Штип-Кочани кај село Облешево траеше околу половина час, по што земјоделците ја отстранија механизацијата од коловозните ленти и си заминаа кон своите населени места, со најава дека протестот ќе продолжи и во наредните денови со блокирање на патот од еден час.