Иванов не го дава мандатот на Заев

Нема да определам мандат на оној кој преговара за платформи на други држави, со кои се уценува Македонија и се загрозува државата, рече претседателот Ѓорге Иванов во јавното обраќање од вила Водно.

„Македонија е сè што имаме и немаме историско право да го уништуваме она за што се бореле претходните генерации“, рече Иванов.

Тој им упати порака на граѓаните дека можат да бидат спокојни се додека тој е Претседател, оти како што вели нема да го даде мандат на секој оној кој се залага за рушење на суверенитетот, самостојноста и територијалниот интегритет на Македонија.

„Не мислам да отстапам од тоа“, рече Иванов.

Тој вели дека пречка за давање на мандатот на СДСМ е Платформата на партиите на Албанците во Македонија, која, како што вели, е надвор од Уставот и законот и со неа се згрозува државата и се доведува земјата во потчинета состојба, Македонија е уценета, а унитарноста е загрозена.

Иванов вели дека побарал од Заев да ја отфли Платформата, но дека тој тоа не го направил.

Претседателот се обрати и до меѓународната заедница и побара и тие да ја осудат Платформата, која се меша во внатрешните работи на државата. Доколку не ја осудат, немаат ни право да се мешаат во наметнување решени за состојбите во Македонија, вели Иванов. Тој вели дека сега сега земјата е оставена сама на себе.

„Ова се сериозни моменти, секој од нас мора најодговорно да се однесува, секоја погрешна одлука може да има несогледливи и катастрофални последици“, рече Иванов.