Вработените во Македонски железници, кои протестираат со блокада на железничкиот сообраќај две недели, изутрина се сретнаа со в.д директорот на МЖ Транспорт ,Игор Коруноски, но сè уште не е постигнат договор за прекин на протестот. Според Коруноски, контактите со вработените ќе продолжат и се бара решение во текот на денов да се почне со работа.
„Повторно е понудено решението што беше претставено вчера, веднаш да се исплати првиот дел од јануарската плата и здравствено осигурување и да се почне со прибирање средства за вториот дел. Вработените бараат информација и гаранција за вториот дел од платата. Имаме контакти со вработените и се бара решение во текот на денот да се почне со работа“, изјави за МИА Коруноски.
Ѓоко Илиески од Иницијативниот одбор за спроведување на протестот информира дека повторно им е претставено решението и оти по претпладневните разговори со раководството очекуваат нови информации попладне. Поради протестот на вработените во МЖ, 15 дена целосно е прекинат товарниот и патничкиот сообраќај во Македонија. Коруноски вчера апелираше вработените да почнат со работа, посочувајќи дека само така ќе може да се исфактурираат парите за платата преку Министерството за транспорт и врски.