Овој буџет ќе биде буџет за националната безбедност и ќе вклучува историско покачување на трошоците за одбраната со цел обнова на исцрпената војска на Соединетите Држави во време кога тоа најмногу им е потребно, им изјави претседателот Трамп на американските гувернери во Белата куќа.
Според сознанијата, Пентагон ќе добие повеќе пари во согласност со предизборните ветувања на Трамп.
Од друга страна, финансирањето на министерствата, агенциите и програмите за меѓународна помош ќе биде драстично намалено.
„Мораме да почнеме да добиваме војни повторно. Морам да кажам дека кога бев млад, во средно и високо училиште, сите велеа дека никогаш не сме изгубиле војна, ние никогаш не изгубивме војна. Се сеќавате. Некои од вас беа таму со мене и се сеќавате никогаш не изгубивме војна. Америка никогаш не губи. А сега никогаш не добивме војна. Не победуваме. И ние не се бориме да победиме. Ние не се бориме да победиме. Значи или ќе победуваме или нема да се бориме воопшто“, рече тој.
Новинската агенција Ројтерс цитира неименуван официјален претставник кој вели дека предложениот буџет вклучува зголемено финансирање за воени бродови и авиони за да се воспостави „поцврсто присуство во клучните меѓународни патишта и главните контролни пунктови“.
Некои експерти од одбраната се сомневаат во потребата за голем пораст на американските воени трошоци, кои веќе изнесуваат околу 600 милијарди долари годишно. Спротивно на тоа, Соединетите Држави трошат околу 50 милијарди долари годишно за Стејт департментот и за странска помош.
Бенџамин Фридмен од Институтот Кејто смета дека предлог буџетот ќе наиде на тешкотии во Конгресот.
„Им требаат демократите да гласаат за да им помине, во Сенатот посебно мора да го укинат законот што го ограничува трошењето за одбраната за да можат да го добијат ваквото зголемување“, вели тој.
Законот што го спомнува Фридмен беше потпишан од поранешниот претседател Барак Обама во 2011 година. Вечерва се очекува Трамп да му се обрати на Конгресот при што треба да ги обелодени приоритетите на неговата политика во идните месеци.