Груевски – Заев нека ме уапси, ама да не удира по темелите на државата

Архивска фотографија: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК

Нека ме уапсат, затворат и малтретираат, само да не удираат по државата и нејзините темели, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска на Фејсбук. Во јавната понуда до претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Груевски пишува дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да го поддржи СДСМ како малцинска влада „колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт“.

Груевски пишува дека основната причина за целата операција која се спроведува од надворешни центри за рушење на власта и носење на Зоран Заев е „слабеење на државата со цел промена на името и идентитетот на Македонците“. Тој вели дека овој процес може да донесе и до губење на државата. Двојазичноста е секундарната цел, вели Груевски и додава дека по тоа ќе започнат подготовки и за кантонизација. Според него, оваа операција е во четири фази – прво, создавање криза и дестабилизација, второ, компромитирање на власта преку специјална психолошка војна и компромитирање на институциите, трето - избори и смена на власта, нејзино елиминирање и носење на нова којашто ќе ги реализира целите.

Тој пишува дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата предолго се осамени во напорите за зачувување на државните интереси во ситуација на многу надворешни влијанија, пари и активности. Многу малку од јавните личности надвор од партијата сериозно ја сфатија ситуацијата. Дури сега некои од нив почнуваат да се будат, вели тој, барајќи поддршка од народот.

Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда, пишува Груевски на Фејсбук.