Илјадници маршираа во сеќавање на Немцов во Москва

Марш во сеќавање на Немцов се одржа и во Новосибирск

Илјадници демонстранти се собраа денеска во Москва на Маршот за сеќавање на убиениот критичар на Кремљ и поранешен вицепремиер Борис Немцов. Тој беше убиен на еден мост кој гледа кон Кремљ на 27 февруари 2015 година. Петмина Чеченци се уапсени и обвинети за неговото убиство. Наводниот убиец, Заур Дадајев, е поранешен припадник на безбедносните сили поврзани со чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Тие ги негираа обвиненијата. Поддржувачите на Немцов стравуваат дека никогаш нема да се најде нарачателот на убиството.

Маршот е одобрен од локалните власти. Двата претходни марша во чест на Немцов поминаа без инциденти.

Демонстрантите носат руски знамиња, како и ознаки на опозициската партија ПАРНАС и на движењето Солидарност. Голем број демонстранти носат портрети на Немцов со негови познати изјави, како „Војната со Украина е криминал на Путин“, „Силата е во вистината, а вистината е кај нас“ и „Нашата предност пред власта е нашата искреност“.

На протестот имаше и знамиња на кримските Татари.

Демонстрантите бараа слобода на политичките затвореници и „Русија без Путин“. Тие собираат потписи градските власти да постават спомен плоча во чест на Немцов.