ДУИ му ги дава потписите на СДСМ, за коалиција ќе види

Централното претседателство на ДУИ по десетчасовна дебата одлучи да ги даде потписите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за да стане мандатар. Портпаролот на партијата Бујар Османи во кратка изјава за медиумите истакна дека одлуката за тоа дали ДУИ ќе биде опозиција или дел од новата влада, ќе ја донесат по добивањето на мандатот.

Претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска изјави дека се разгледува можноста партијата да остане во опозиција, додека Османи дообјасни дека на денешната седница се разгледувале два опции. Едната била да се поддржи малцинска влада со тоа што ДУИ ќе замине во опозиција, додека другата е учество во владина коалиција. Тој посочи дека денеска е мала можноста оваа партија да донесе одлука за тоа дали ќе коалицира со СДСМ и ќе состават влада или ќе одат во опозиција. Османи истакна дека и двете опции се условени со усвојување на предлог законот за јазици.

„Предноста што членовите на претседателството ја гледаат во останување на опозиција е во фактот да се овозможи на секој што имал сомнежи во работата на ДУИ, сите овие 10 години, да може, да не биде попречен од учеството на ДУИ во Владата. Има и други аргументи, за кои претседателството дебатира денеска. Останува законот за јазици, услов без кој се не може, а инструментите за реализирање се два,, учество во Влада или подршка на малцинска влада“, изјави претходно Османи.