ДУИ на денешната седница разгледува две опции- да останат во опозиција и само да дадат поддршка на владата или пак да влезат во неа, рече портпаролот на партијата Бујар Османи. Во седиштето во Мала Речица во тек е седницата на централното претседателство, но Османи нагласи дека дебатата ќе потраела, ќе продолжела за викендот и дека е можна одлука в понеделник. Сега, вели тој, откако се утврдил законот за јазиците кој бил главен услов имало два начина како тој да се оствари, споменувајќи ги двете опции што ги разгледувале.
„Предноста што членовите на претседателството ја гледаат во опцијата останување во опозиција е во тоа да се овозможи секој кој што имал сомнежи во работата на ДУИ сите овие десет години да може тоа да го направи без да биде попречен од учеството на ДУИ во владата“ рече Османи.
Тој сепак не можеше да каже какво е расположението во претседателството, оти како што рече малку членови досега дебатирале. Нагласи и дека досега немаат донесено одлука да ги дадат потписите на СДСМ.
Темата ДУИ да остане во опозиција ја навести и претседателот на партијата Али Ахмети, кој пред денешната седница на централното претседателство на партијата на новинарско прашање кратко одговори дека ќе ја разгледувале опцијата ДУИ да остане во опозиција.
Оваа изјава на претседателот на партијата доаѓа пред седницата која се очекуваше да биде клучна за одлуката дали ќе им ги дадат потписите на СДСМ за нивниот лидер Зоран Заев да го побара мандатот од претседателот Ѓорге Иванов. Според статутот на ДУИ, Ахмети како претседател има право и согласност во делот на давање поддршка за мандат, доколку тоа го процени и кога ќе процени, да може тоа да го направи и како што рече вчера портпаролот Бујар Османи дури и без да го свика претседателство.
Што останува да се договори
Денешната седница на централното претседателство следува како продолжение на завчерашната, на која беше заклучено дека е усогласен законот за јазици меѓу ДУИ и СДСМ. Сепак, портпаролот Османи, вчера, нагласи дека остануваат да се усогласат платформите на партиите за целиот мандат, а и дека има и прашања кои партии ќе бидат во коалиција.
Заев, пак, од Сараево изјави дека се обезбедени потписите за добивање на мандатот и дека веќе се усогласени идната владина програма, платформата на СДСМ, платформата на албанските партии и законот за употреба на јазиците. Според него, останува уште со претседателите на другите партии да се договорат за ресорите во владата. Двете партии разговараат веќе дваесетина дена, а како главно прашање од ДУИ беше истакнат законот за јазиците. Тој е дел и од платформата што покрај партијата на Ахмети ја потпишаа и Алијансата за Албанците и Беса. Во неа се бара и промена на Уставот, но ДУИ се повлече од таквото барање. Нејасно останува што договориле за новите институции што се бараа за надгледување на економската рамноправност или пак за осудата на како што се наведува во платформата геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година.
Што предвидува законот за јазици
Според изјавата на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, за законот за јазиците е договорено собраниските седници да може да се водат и на албански јазик, сите донесени закони да бидат двојазични, министрите кои се Албанци да може да зборуваат и на својот мајчин јазик, а и судските постапки да може да бидат двојазични ако во нив учествува Албанец. Османи вчера во интервју за телевизијата Алсат рече дека во членот 8 од законот е предвидено и монетите и банкнотите да бидат и на албански јазик. За прашањата од платформата, како химната и знамето, нема договор бидејќи за нив е потребно двотретинско мнозинство. Од СДСМ не откриваат ништо од договореното, постојано повикувајќи се на тоа дека се е во согласност со Уставот.