Рочиштето за „шамарите“ одложено, обвинителките добија казни

Архивска фотографија - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на распит во Основен Суд 1

Судењето на поранешниот премиер Никола Груевски и десетина други луѓе во случајот во предизвикување на насилство во Општина Центар е одложено за 10 март, затоа што дел од обвинетите не беа присутни.

Обвинителките од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи на два пати беа казнети по 1000 евра, за навреда на судот. Обвинителките ја обвинија судијката Татјана Михајлова дека направила фалсификат на записникот од минатото рочиште, оти во него не споменала дека јавноста беше исклучена од рочиштето. Тие барале аудио и видео записник од минатото рочиштето, а тоа судијката досега не го направила.

По рочиштето Груевски кратко изјави дека, ова не е судење, туку театар, по што си замина.

Адвокатот на обвинетите Никола Додевски, посочи дека СЈО го опструира судењето и дека секој има право на фер судење.

На Груевски му се суди оти поттикнувал насилство и нарачувал шамари за градоначалникот на општината Андреј Жерновски. Освен него, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 други луѓе.

По рочиштето обвинителките Јанева и Фетаи повторно ја обвинија судијката Михајлова за фалсификување на записникот.