Албанската опозиција од шатор бара оставка на владата

Љуљзим Баша, лидер на албанската Демократска партија

Иако во поставениот шатор пред Владата во Тирана, опозицијата нема многу комодитет за да остане тука подолго, таа е решена да не се повлекува се до исполнување на барањата: заминување на премиерот Еди Рама и формирање техничка влада, како услов за спроведување слободни и фер избори- порача синоќа лидерот на демократите Љуљзим Баша. Упативме силна порака до светот: Албанците веќе нема да прифатат демократија-фасада, туку единствено вистинска демократија, само слободни и фер избори, рече тој.

Баша од завчера е во шаторот заедно со над илјада членови на опозицијата, меѓу кои и пратеници, како и поранешниот партиски лидер и екс премиер и шеф на албанската држава, Сали Бериша. Во пресрет на 20-ти февруари, кога во 1991 година во центарот на Тирана беше урнат споменикот на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, демократскиот лидер ги повика Албанците да се приклучат кон протестите.