Пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири денеска на прес конференција рече дека лица од обезбедувањето на Сашо Мијалков вчеравечер во кафулето Дион вербално и физички го нападнале, а Мијалков, како што рече,седел во кафулето. Опишувајќи ја случката Зекири рече дека десетина лица кои седеле на масата со Мијалков дошле до нив и побарале од него да го напушти местото, затоа што бил непожелен, а таму имало приватна забава.
“Откако им објаснив дека имаме уредно резервирано маса еден од нив познат на полицијата а и нам ја преврте масата и групата почна да не турка насила кон излезот. Додека траеше турканицата надвор од објектот еден од нив извади полициска легитимација и побара да се идентификувам. Додека ја вадев личната карта да му ја покажам друго лице отпозади ме нападна физички во пределот на главата” рече Зекири.
Тој додаде дека случајот го пријавил во полиција но дека полицаецот пред кој ја давал изјавата, не сакал во извештајот да го напише името на Сашо Мијалков.
“Објектот е под видео надзор и сето ова што го зборувам полицијата лесно може да го утврди”рече Зекири.
Претходно утринава поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразнување Мијалков, кој е и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ негираше ваков настан. Изјавата на Зекири е целосна лага и клевета и најостро ги демантирам манипулациите дека некој од моето обезбедување го нападнал, се наведува во реакцијата.
„Доколку во најкус можен рок не се извини, против него и против медиумите кои шират вакви дезинформации ќе следуваат тужби“, пишува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Во денешниот полициски билтен пак е наведено дека лице со иницијали М.З. се пријавило во клиничкиот центар со повреди.
“Во ЕИК Скопје ноќеска во 1.10 часот од Ургентен центар „Мајка Тереза“, било пријавено дека кај нив дошло лицето М.З. со повреди, а по негово кажување повредите биле здобиени од физички напад во угостителски објект од страна на непознато лице. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот” се наведува во билтенот на Министерството за внатрешни работи.