Линеа Вест е писателка и кураторка која живее и работи во Њујорк. Таа ја координира глобалната истражувачка програма „Современи и модерни уметнички перспективи“ (C-MAP) на Музејот на модерна уметност во метрополата и е уредничка на веб страницата на оваа институција која е посветена на уметноста и историјата на модернизмот во глобален контекст. Вест е магистер по историја на уметност од Универзитетот во Џорџија. Во 2012 – 2013 година била добитник на Фулбрајт грант за да го истражува националниот идентитет во современата унгарска уметност во музејот за современа уметност „Лудвиг“ во Будимпешта.
Од таму нејзиното предавање, кое патем ќе се одржи оваа среда, од 19.30 часот, во ГЕМ клуб во Скопје, е насловено „Национализми, споменици и идентитет на културата: наследства на модернизмите во современиот момент и начини на отпор“.
Првиот дел од него се однесува на нејзиното истражување во национализмот и постсоцијалистичките споменици низ призмата на историјата на уметноста. Таа смета дека спомениците се користеле и сè уште се користат за да се формира национален идентитет преку поправањето на колективната меморија во долгорочна културна меморија.
Примерите како паркот „Мементо“ во Будимпешта и програмското шоу „Скопје 2014“ покажуваат како проектите, на различни начини, реагираат на модернистичките наследства и ја злоупотребуваат формата на споменик. Од таму кураторката, во овој случај, се прашува дали местата ненамерно имаат ехо од естетиката на социјалниот реализам и дали тие прават разлика меѓу вистинската и лажната меморија.
Во вториот дел од предавањето, пак, ќе биде направена опсервација како уметничките заедници во Њујорк и во Будимпешта се организирале во отпор кон десничарскиот авторитарен национализам со стратегии кои ја истакнуваат граѓанската активност и протест.
Линеа Вест во Скопје доаѓа по втор пат и знае да каже дека е искрено изненадена од тоа колку многу споменици и фасади се изградени за толку кратко време. Само во последниве три години од нејзината прва средба со тогаш сè уште доминантно модерниот град.
„Мислам дека до 2013 година Скопје се одликуваше со доста модерната и силна архитектура за која сметам дека беше вистинско богатство. Денес таа е прекриена, едноставно ја снема и тоа за мене е голема трагедија“, вели таа.
Од таму, Вест потенцира дека е многу важно да се дискутира и да се биде гласен во однос на ваквите општествени, историски и архитектонски аномалии.
„Знаете, насекаде во светот луѓето сè повеќе и повеќе протестираат и многу е важно пошироко да се слушне нивниот глас против ваквото скрнавење на капиталните градби. „Скопје 2014“ како проект не е бележит само поради парите потрошени за него или поради корупцијата, туку и како обид со којшто се покрива дотогашниот идентитет, таа цела една историја со нешто што всушност никогаш не се случило. Не е својствено за ова тло овде и за кое мислам дека е многу, дури екстремно опасно“, вели Вест.
Инаку, нејзиното предавање е дел од серијата настани кои се поврзуваат со наградата ДЕНЕС, признание кое му се доделува на млад визуелен уметник до 35 години во Република Македонија.
Зад ваквата иницијатива своевремено во 2002 година застана Центарот за современи уметности од Скопје, за во 2015 како партнер во организирањето на настанот да биде вклучен и ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје. Од тогаш наградата започна да се доделува биенално, на секоја втора година, а периодот помеѓу нејзиното врачување да биде користен за организирање на разновидни едукативни настани – изложби, промоции, предавања и трибини.
Ивана Васева, кураторка на серија настани за наградата ДЕНЕС, вели дека одлучиле во годината кога не се доделува наградата да организираат серија од едукативни активности за кои тие сметаа дека недостасуваат во нашата земја. Вели дека оваа програма започнува овој месец и дека ќе трае до крајот на 2017 и дека ќе промовира програми во неколку сегменти кои не се изучуваат во образовно-едукативните институции посветени на современата уметност во Македонија како „Историја на изложби“, „Современи уметнички практики“, „Уметнички маркет“ и „Современа теорија на уметноста“.
„Во рамките на оваа програма, во наредниот период, планираме да поканиме повеќе регионални гости, но и стручњаци од САД и се надеваме дека со тоа некако ќе придонесеме за развојот на современата уметничка сцена во земјава“, истакнува Васева.
Кон ова само уште информацијата дека наградата ДЕНЕС е дел од интернационалната мрежа „Програма на награди за млади визуелни уметници“ во Централна и Југоисточна Европа. Оваа програма е основана во 1990 година од Фондацијата за граѓанско општество заедно со претседателот на Република Чешка, Вацлав Хавел и потоа се прошири со воспоставување на награди во уште 10 земји во регионот. Од 2016 година програмата е менаџирана од Residency Unlimited, а наградата подразбира двомесечен творечки престој во Њујорк.