СДСМ денеска најави дека ќе спроведе долгорочни мерки кои ќе го намалат енормното загадување. Меѓу најприоритетните мерки ќе биде гасификацијата на Скопје и други градови, субвенционирање на обновливи извори на енергија и греење за граѓаните, субвенции за поставување филтри кај големите загадувачи и зголемување на зелените површини во градовите, се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Новата влада предводена од СДСМ, како што додаваат, сериозно ќе се зафати со решавање на проблемот со екстремното загадување, кое е опасност за сите граѓани во Македонија.
Последните податоци според кои Скопје, Тетово и Битола се во 10-те најзагадени градови во Европа, како што истакнуваат од партијата, уште еднаш ја докажа несериозноста на владата за решавање на проблемот со загадувањето.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговори дека СДСМ да знаеле како да се справат со загадувањето тоа ќе го направеле во Куманово каде, како што велат од партијата, 27 години ја имаат локалната власт, а не е подобра и состојбата и во Струмица. Според нив, овие градови се едни од најзагадените во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ и локалната власт во Куманово не мрднале со мал прст, затоа што не знаат и немаат конкретни решенија и мерки.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ лицемерно зборува за квалитетот на воздухот и за некаква наводна гасификација која ќе ја правеле по теркот на Струмица и Куманово, кога, како што потенцираат во соопштението, во овие два града постои само фиктивна гасификација од која граѓаните немаат никаков бенефит, нема поквалитетен воздух, туку само се злоупотребува за лични богатења на партиски функционери.