Русија негира дека врши медиумски и интернет напади врз францускиот претседателски кандидат, Емануел Макрон. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска рече дека таквите обвинувања против руските власти се „едноставно апсурдни“. Анкетите покажуваат дека Макрон е втор според рејтингот, по лидерката на крајната десница Марин Лепен, но дека има добри шанси да ја победи во вториот круг на 7 мај. Лепен е критичарка на ЕУ и ја поддржува руската политика кон Украина.
Генералниот секретар на партијата на Макрон, Ришар Феран, на 12 февруари рече дека државно финансираните руски медиуми, како РТ и Спутник, објавуваат „лажни вести“ за Макрон поради неговите про-ЕУ ставови. Феран рече дека Москва ги поддржува политиките на Лепен и на десно-центристичкиот кандидат Франсоа Фијон. Тој исто така побара француската влада да преземе мерки против „странско мешање“ во изборите.
Русија исто така ги негираше тврдењата на американските разузнавачки агенции дека Русија користела компјутерски напади и други методи за да влијае на претседателските избори во САД во 2016 година.
„Немаме намера да се мешаме во внатрешните работи во други земји, а особено не во нивните изборни процеси“, рече Песков на дневната прес-конференција.