Консултации меѓу ДУИ и Алијансата на Албанците

Архивска фотографија - Седница на Централното претседателство на ДУИ

ДУИ денеска ги започна консултациите со другите партии за документот кој го доби од СДСМ, како услов за коалицирање. Од СДСМ велат дека не поставиле рок до ДУИ за изјаснување. Експертите очекуваат ДУИ во разумен рок да одговори.

ДУИ денеска ги започна консултациите со другите политички партии од албанскиот блок откако вчера ги добија писмените гаранции кои ги бараа од СДСМ, како услов за коалицирање со цел обезбедување на парламентарно мнозинство. Од СДСМ велат дека до ДУИ не доставиле рок до кога треба да се изјаснат по документот и дека не очекуваат забелешки по него.

Од СДСМ не соопштија што содржат писмени гаранции, но посочија дека со документот се овозможува веднаш да бидат собрани потписите кои ги побара претседателот Ѓорѓе Иванов за да му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за формирање на влада. Од СДСМ истакнаа и дека откако ќе го добијат мандатот јавноста ќе биде запознаена со содржината на документот. Од ДУИ, пак, соопштија дека по добивањето на писмените материјали ќе свикаат средба на Централното претседателство на која ќе одлучат за понатамошни чекори.

По средбата претставниците на ДУИ и на Алијансата на Албанците соопштија дека имале конструктивни разговори. Претходно од Алијансата за Албанците најавија дека биле повикани од ДУИ на разговор.

„Планираме денеска да имаме средба со ДУИ, на која ќе имаме консултации за да ги разгледаме писмените материјали кои ги доби партијата од СДСМ. Средбата е по барање на ДУИ“, велат од Алијансата на Албанците.

Од БЕСА пак истакнуваат дека се уште не добиле покана од ДУИ и дека таквата средба треба од нив да биде иницирана.

Професорот на Универзитетот Свети Климент Охридски, Никола Дујовски вели дека се работи за необврзувачки документ, кој не очекува да го забрза процесот, бидејќи може да се случи ДУИ да има нови барања или пак забелешки. Но, тој очекува повеќе да не се губи време и СДСМ и ДУИ што побрзо да коалицираат.

„Јас знам дека во вакви времиња е тешко да се состави квалитетна влада, но очајно ни е потребна влада, која што ќе започне побрзо да го променува општеството. Очекувам ДУИ во еден разумен рок да одговори, иако не постои таков рок, затоа што ова не е ништо задолжително и да ги даде потписите на СДСМ и лидерот на партијата да го добие мандатот“, вели Дујовски.

Тој не очекува другите партии од албанскиот блок да прават некакви проблеми, туку веднаш да ги дадат своите мандати на СДСМ. На СДСМ освен пратеничките места од ДУИ и се потребни уште најмалку 2 мандати за да обезбеди мнозинство од 61 пратеник. Заедно со БЕСА и со Алијансата на Албанците коалицијата би сочинувала 67 пратенички места.