СДСМ денеска соопшти дека ќе формира интервентен фонд од шест милиони евра за земјоцелците при временски непогоди во првите шест месеци од мандатот на новата влада, велат од партијата.
„Тие средства ќе се користат кога пазарната цена на земјоделските производи ќе биде пониска од нивната производствена цена, како и за обештетување на земјоделците од временски непогоди.“
Според СДСМ, доколку досега постоел таков фонд ќе биле обештетени земјоделците за уништените раноградинарски посеви од минатомесечните екстремно ниски температури, а ќе се помогнело и за штетите од поплавите во летниот период
Во случај откупната цена да биде пониска од производствената, според соопштението, финансиските средства ќе се доделуваат во вид на дополнителна поддршка на основните плаќања во висина до производствената цена на производот.
ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција на соопштението од СДСМ оценувајќи дека станува збор за лицемерно нудење проекти, бидејќи кога СДСМ биле на власт не понудиле никаква помош и мерка во земјоделството.
„Тоа што СДСМ сега го нуди ни од далеку не е мерка која ќе им помогне на земјоделците, затоа што и досега државата интервенирала и тоа со многу повеќе средства кога се работи за обесштетување земјоделски површини и за помош на земјоделци од природни непогоди.“
Според ВМРО-ДПМНЕ, бројката која сега СДСМ ја предлага е далеку пониска од реалните исплати коишто државата на годишно ниво ги одвојува за оваа ставка.
Дополнително, нагласуваат, на земјоделците во Македонија им стојат на располагање 150 милиони евра субвенции и повеќе мерки кои може да ги искористат.
На соопштението на СДСМ реагираше и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) посочувајќи дека со толку малку пари не се решаваат проблемите на земјоделците.
„Очигледно дека СДСМ, сакајќи да покаже некаква идејност, на земјоделците им нуди суми извадени од ракав без никакви анализи кои не можат да покријат ниту една штета од временски непогоди, а камоли да им ја исплаќаат разликата од производната до продажната цена на сите земјоделски култури“, наведуваат од МЗШВ во денешното соопштение.
Министерството за земјоделство посочува дека минатата година обезбедило 12 милиони евра само за покривање на штетите од временските непогоди и за разликата од производната до продажната цена на некои земјоделски култури.