Груевски: На Македонија и се потребни предвремени избори

Прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по првичните резултати од парламентарните избори.

Претседатеот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски вечерва во интервју за Тв Нова изјави дека е подготвен да оди во опозиција доколку СДСМ ги потпише барањата од ДУИ со кои, како што вели, не им се помага ниту на Албанците ниту на Македонците.

„Јас сум подготвен да одам во опозиција доколку СДСМ ги потпише барањата од ДУИ, со кои не им се помага ниту на Албанците ниту на Македонците. Тоа се барања кои само ќе создадат нетрпеливост и ќе не раскараат едни со други. Ние сакаме да им помогнеме на сите, да имаат подобар живот со вработувања, со нови инвестиции, а не такви нелогични барања. Како ќе се разберат граѓаните кога сме 65 проценти Македонци спрема 25 проценти Албанци? Како ќе се разберат лекар со лекар, полицаец со полицаец? Ние сме луѓе кои држиме до даден збор и нелогични работи нема да прифатиме. Инаку, немаме ништо против Албанците“, рече Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека на Македонија и се потребни предвремени избори со јасен победник, истакна Груевски кој додаде дека кризата во земјата продолжува, оти се менуваат одредени фази на таа криза и различности.

„Потребни ни се превремени избори. Подобро е да биде појасна победата, чија и да е, но потоа да му се овозможи да формира Влада и да ги спроведе реформите. Доколку имаме и еден пратеник помалку ќе се бориме во Парламентот со сите демократски средства, но нема да бидеме недостоинствени како СДСМ. Изгубија, а излегоа на прослава и до ден денес велат победиле“, рече Груевски.