Од ВМРО-ДПМНЕ по соопштението на СЈО реагираат дека го разбираат и поддржуваат револтот на охриѓани против, како што наведуваат, политичката хајка која по нарачка ја спроведува селективното јавно обвинителство. Од партијата потсетуваат дека правото на протест е загарантирано со Уставот и заканите од страна СЈО упатени по одржаниот протест се уште еден чин кој се коси со највисокиот правен акт.
„СЈО е срам за правосудниот систем. Повикувањето на околу 200 лица само заради тоа што се членови на една политичка партија не е ништо друго туку дискриминација по политичка и идеолошка основа“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
СЈО, според партијата, аболицира криминалци, а им се заканува на чесни луѓе чиј единствен грев е нивната политичко-идеолошка определба и тоа што одлучиле да донираат за сопствената партија. СЈО претходно соопшти дека во рамки на предистражната постапка која се води во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка.