СЈО реагира за повреда на предистражна постапка по протестите во Охрид

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Од СЈО денеска реагираат по протестите во Охрид против повикувањето на информативни разговори на членови на ВМРО ДПМНЕ во врска со финансирањето на партијата и личните донации при изборите во 2014 година. Во врска со предистражна постапка која се води во СЈО, како што наведуваат во соопштението, во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска со истата постапка.

Од СЈО потенцираат дека согласно Кривичниот законик секој вид на влијание врз сведоците е кривично дело, а лицата кои се повикани како сведоци се должни да се јават на поканата и да помогнат со своите искази во утврдување на фактите за кои е поведена секоја предистражна или истражна постапка. Обвинителството воедно се оградува од секакви политички шпекулации и оттаму потенцираат дека својата службена должност, јавните обвинители ја вршат согласно законот во насока на утврдување на вистината во постапките кои се водат.

Со транспаренти „СЈО против Македонија“, „СЈО слуги на Заев“, „Зошто го браните ПУЧ?, граѓани и партиски членови и симпатизери на ВМРО - ДПМНЕ, денеска одржаа протест пред Секторот за внатрешни работи во Охрид. Демонстрантите сметаат дека однесувањето на СЈО е неприфатливо и селективно и бараат негово распуштање.