Новинарите незаконски отстранети од Собранието, пресуди Европскиот суд

Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2012-та.

Европскиот суд за човековите права во Стразбур донесе пресуда во корист на новинарите кои беа отстранети од собраниското обезбедување на седницата за носењето на Буџетот на 24 декември во 2012 година на таканаречениот „Црн понеделник“. Според судот, со таквата постапка на обезбедувањето била извршена повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права. Членот 10 се однесува на слободата на изразување, а членот 6 на правото на фер судење и сослушување, во конкретниот случај правото на сослушување пред Уставниот суд.

Новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски кои се жалеа во Стразбур, претходно до Уставниот суд поднесоа барање за заштита на слободите и правата на новинарите, кое подоцна беше одбиено.