СДСМ е посветено на изнаоѓање на брзо и ефикасно решение за формирање Влада, изјави денеска портпаролот на оваа партија Петре Шилегов одговарајќи на новинарски прашања. Тој не одговори на голем дел од прашањата повразни со преговорите околу новата Владата, ниту ги коментираше ставовите на ДУИ кои во емисијата Топ Тема на Тв Телма ги изнесе Бујар Османи, кој посочи дека без договор за Влада нема потписи за мнозинство.
„Сите политички субјекти коишто се инволвирани во процесот, постизборен, треба да се свесни за состојбата во којашто се наоѓа Република Македонија, за сложеноста на таа состојба и да сносат одговорност за своите одлуки“ рече Шилегов.
На прашањата дали за СДСМ е прифатлива платформата на трите албански партии во Македонија и дали ДУИ испорачале некакви барања до СДСМ, Шилегов накратко одговори.
„Кажав, да имаме минимум трпение, работиме за изнаоѓање на решение, за брзо ќе имаме Влада.“
Во однос на обвиненијата на ВМРО ДПМНЕ дека СЈО е само филијала на СДСМ, Шилегов одговори дека досегашната владејачка партија напаѓа се што не работи по нејзина желба и дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со Никола Грувески во изминатава недела ја скараа или се обида да ја скараат Македонија со најголемите стратешки партнери САД и ЕУ.