Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов по тврдењата на СДСМ за условениот мандат, реагираат дека тој отсекогаш постапувал согласно Уставот и законите на Република Македонија и во рамки на своите права, обврски и должности.
„Тврдењата на СДСМ дека претседателот Иванов лаже дека постапил како претседателот Глигоров и дека го крши Уставот претставуваат груба лага и груба манипулација со јавноста“, е наведено во соопштението, каде се опишува и како тогаш се одвивал целиот процес.
Во врска со тврдењата на СДСМ, според кои претседателот Иванов, како што е посочено, наводно поставува дополнителни услови за доделување на мандат за состав на владата, неговиот кабинет оценува дека се работи за небулозен и груб обид за манипулација.
„Барањата, што претседателот Иванов ги истакна не претставуваат услови, туку политички ставови за идните приоритети на новата Влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјата. Претседателот Иванов има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси и од тоа нема да отстапи и во иднина“ се вели во реакцијата.
Од СДСМ соопштија дека веста оти Иванов при доделувањето на мандатите постапил исто како претседателот Киро Глигоров во 1992 година, е лажна. Според СДСМ, Иванов го доделил мандатот на Никола Груевски без да му бара потпис од 61 пратеник и да поставува услови за програмата и оттука нема право тоа да го бара од Заев. Тоа, како што наведоа од партијата, е недозволиво кршење на Уставот од страна на претседателот на државата, за што се одговара според Уставот и според Кривичниот законик.