Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на амбасадорот Џес Бејли, се наведува во одговорот на вршителот на должност портпарол на Стејт департментот Марк Тонер на прашањето на Гласот на Америка на македонски, по шпекулациите во некои медиуми дека амбасадата во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД. Тонер е дециден дека нема промена во американската политика спрема Македонија. „Американската политика во Македонија е да ја поддржи евро-атлантската интеграција на државата и реформите потребни за напредување кон таа цел. Тоа вклучува поддршка за демократските реформи, владеењето на правото и целосно имплементирање на договорот од Пржино“, вели Тонер. Тој потврдува дека насоките за амбасадарот Бејли и неговиот тим се да „работат во партнерство со македонските власти, како и со граѓанското општество за унапредување на американската политика и целите на САД“. Тој додаде дека Стејт департментот има полна доверба во амбасадата и во амбасадорот во Македонија. Тонер нагласи дека САД како пријатели на Македонија силно ги поттикнуваат сите страни да го почитуваат владеењето на правото, демократските процеси и меѓународните обврски на Македонија. „Ние сакаме да видиме силна Македонија, на патот кон евро-атлантското семејство“, рече Марк Тонер.