Загрижувачка е висината на јавниот долг која, според последните податоци на Министерството за финансии, изнесува над 50 проценти од БДП, предупредуваат економските експерти. Македонија се повеќе се доближува кон групата на високо задолжени земји, а особено алармантен е растечкиот тренд во последните неколку години.
Поранешниот гувернер Љубе Трпески вели дека во споредба со другите земји од регионот Македонија не стои лошо, но според него, освен темпото на раст на јавниот долг, треба да не загрижи и намената на средствата во тој јавен долг.
„Загрижува темпото, но и капацитетот на македонската економија да го враќа тој долг, бидејќи се вложува во непродуктивни цели, односно во цели кои нема да носат поврат на средства од коишто ќе може да се враќа долгот“, вели Трпески.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини е уверен дека долгот е многу повисок од 50 насто од БДП.
„Воопшто не е точно дека е долгот околу 50 насто од БДП-то, туку тој сигурно не е под 60 отсто. Тоа ќе го видиме кога власта која не доведе до таа ситуација, ќе си замине. Тогаш ќе видиме дека долгот е многу поголем од тоа што се објавува во јавноста, а е во интерес на актуелната власт“, вели Хајредини.
Искуството покажува дека македонските власти не можат да се самодисциплинираат во поглед на управување со јавниот долг, додава Трпески.
„Затоа потребно ни е враќање на аранжмани со ММФ каде што под критериумите што ги поставува ММФ и нивното исполнување, ние ќе можеме да се самодисциплинираме“, заклучува Трпески.
Тоа што надлежните тврдат дека во последните неколку месеци јавниот и државниот долг се намалиле, не ја менува целосната слика, посочува Хајредини.
„Долгот наш ќе ни се зголемува енормно во текот на оваа година, затоа што ние не сме во состојба како држава обврските кон странство, но и кон внатрешните кредитори, банките да ги вратиме. Затоа што парите кои сме ги зеле како долг не сме ги користеле за работи кои не даваат никаква економска корист. Затоа се што ќе стигне наредната година треба да се покрие со нови и скапи кредити“, предупредува Хајредини.
Колку за илустрација, годинава за јавниот долг годишно ќе плаќаме околу 130 милиони евра само за камата, без да го намалуваме долгот. Тоа би значело дека во идните десет години Македонија, под услов само да го сервисираме долгот, ќе платиме 1,5 милијарда евра камати и пак ќе ни остане долгот.
Јавниот долг подолго време е предмет на партиски препукувања. По објавувањето на последните податоци од министерството за финансии за состојбата со долгот заклучно до 31.12. 2016 година, се огласи СДСМ кој потсети дека граѓаните се тие кои ќе ги враќаат долговите во милијарди евра што ги направила досегашната неодговорна власт. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, соопштија дека јавниот и државниот долг се намалени во последниот квартал на 2016 година, а според нив СДСМ манипулира и тоа го прави на штета на македонските граѓани.
Во реакцијата до јавноста, Mинистерството за финансии истакнува дека ММФ препорачува за земјите во развој каква што е Македонија, јавниот долг да се движи во границите меѓу 49 отсто до 58 отсто. Бројките сведочат дека во 2008 година јавниот долг изнесувал 1,55 милијарди евра или 23% од БДП. На крајот од 2016 задолженоста достигна 4,71 милијарди евра, или 50,1% од БДП.