ВМРО-ДПМНЕ: Германската амбасадорка смета дека мандатот треба да му се даде на СДСМ

Германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер

Германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер

Официјален Берлин смета дека мандатот за формирање влада треба да и се даде на втората по големина партија во Македонија, му рекла германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во партиското соопштение по нивната денешна средба се наведува дека Груевски ја прашал дали тоа е нејзина сугестија, на што таа одговорила дека „тоа е онака како што во моментот се гледа во Берлин“.

Груевски на средбата повторил дека „ситуацијата е зрела за брзи избори“ и оти Уставот не предвидува дека ако победникот не успее да формира влада, мандатот и се дава на втората партија, но оти конечната одлука е работа на претседателот.

Во партиското соопштение по средбата се наведува дека Груевски рекол дека ВМРО-ДПМНЕ ја очекува одлуката на претседателот Иванов, по што партијата „ќе се прилагоди на таквата одлука“.

Груевски денеска се сретна и со рускиот амбасадор Олег Шчербак, со кого разговарале за „актуелната политичка ситуација во Македонија и во Русија“.

Во партиското соопштение по средбата се наведува дека рускиот амбасадор се осврнал на Шарената револуција, „истакнувајќи ја штетата која истата ја предизвика на економски план внесувајќи нестабилност и неизвесност во државата, а со тоа и влијаејќи негативно на интересот на заинтересираните инвеститори“.

Тој „потенцираше дека секаде каде се организирани обоени револуции страда социо-економската благосостојба на граѓаните“, стои во соопштението.