Ахмети - Сите опции се отворени

Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети

Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, по денешните консултации со претседателот Ѓорге Иванов, нагласи дека сите опции за формирање нова влада се отворени. Тој порача дека сите треба да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на државата. Тој нагласи дека на средбата со Иванов станало збор и за политичката ситуација во регионот и пошироко.

Прашан како ќе се однесува ДУИ деновиве, бидејќи кај нив е клучот за парламентарното мнозинство, Ахмети посочи дека клучот сега е префрлен кај претседателот Иванов.

Тој посочи дека ДУИ има силна волја за изнаоѓање решение за, како што рече, да ги вратиме работите на своето место во интерес на стабилноста и засилувањето на државата. Пред нашите партиски интереси ги ставивме интересите на граѓаните и на државата, потенцира Ахмети.

Прашан дали за нив е прифатливо барањето на меѓународната заедница за создавање широка коалиција, лидерот на ДУИ рече дека сите опции се отворени.

Како дел од консултациите со политичките партии за актуелната политичката состојба во Македонија и формирањето нова влада на средба кај претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по Ахмети е лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Иванов претходно имаше одвоени средби со раководствата на Беса и на Алијансата за Албанците. Лидерите на Беса и на Алијансата за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села, по разговорите со Иванов не дадоа изјави за медиумите.

Во претседателската вила „Водно“ попладнево шефот на државата треба да има средби и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

На консултации со претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, биле поканети и претставници на ДПА.

Консултациите со политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија, се на иницијатива на претседателот Иванов, а следуваат по негобвите средби со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски и со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

Иванов на вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд истакнал дека досега постапувал исклучиво во рамки на своите права, должности и надлежности, почитувајќи го Уставот и оти и во однос на актуелната ситуација ќе постапува во согласност со уставните одредби и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.