ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување од амбасадата на САД

Лого на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Еден ден откако ВМРО-ДПМНЕ јавно се произнесе дека ситуацијата во Македонија е зрела за нови избори, амбасадата на САД во одговор на новинарско прашање ги повика партиите да ги продолжат разговорите за формирање на нова Влада. Одговорот на новинарското прашање следеше откако не беше постигнат договор за формирање на Влада во уставниот рок и СДСМ излезе со став дека треба да го добијат мандатот, иако тоа не е предвидено со Уставот, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Со оглед на дискусиите во јавноста кои ги отвори овој став на Амбасадата, ВМРО-ДПМНЕ бара појаснување дали нивната позиција значи дека САД сугерираат и бараат од Република Македонија и од партиите во парламентот да нема нови предвремени парламентарни избори и дали овој повик може да се толкува како официјален став на новата администрација во САД, партиите со постоечкиот распоред на силите од последните избори да состават нова Влада.

„Ова прашање го поставуваме јавно, бидејки ставот на Амбасадата беше изнесен јавно и создаде конфузија при неговата интерпретација во јавноста, па би било добро и појаснувањето да е јавно.“

ВМРО-ДПМНЕ како партија под чие водство Македонија потпиша декларацијата за стратешко партнерство со САД во 2008 година останува на позициите дека двете земји треба да ја продолжат соработкта во духот на таа декларација, се вели во соопштението.