СЈО – Судот не дозволува претрес кај функционери

Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство

Специјалното јавно обвинителство се пожали дека продолжува отежнатата соработка со Основниот суд Скопје 1. Велат дека се заменуваат судии кои треба да одлучуваат за нивните барања и се пробиваат рокови.

Во денешното соопштение од СЈО се наведува дека на 20 јануари до судот поднеле неколку барања за издавање наредби за претреси за различни предистражни и истражни постапки, заедно со докази и разговори од незаконското следење на комуникациите.

„Иако барањата беа предадени на дежурниот судија, сепак од непознати причини за ова Јавно обвинителство, дежурниот судија беше заменет и барањата беа доделени на други судии на постапување“, наведува СЈО.

Ова обвинителство се жали дека одлуките за нивните барања биле донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолговлекува и се оневозможува итност во постапувањето.

Дури по пет дена судот издал само една наредба за претрес за случајот „Титаник“.

„Сите останати барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени. Имено, судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети и тоа судијата Елена Јосифовиќ и судијата Александра Поп Стефанија изразиле несогласност по барањата за определување наредба за претрес, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Диана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка“, наведува СЈО во соопштението.

Тие се жалат и дека се уште не им се доставени записниците и снимките од одржаните рочишта за „шамарите за Жерновски“ и за уништената документација во Управата за безбедност и контраразузнавање.