Југохром најавува отпуштања ако повторно му биде изречена забрана за работа

Архивска фотографија: Вработени во Југохром протестираат против одлуката за затворање на комбинатот

Југохром ќе почне со отпуштање на дел од вработените идниот месец ако Државниот инспекторат за животна средина повторно донесе одлука за забрана на неговото работење поради интегрираната А дозвола.

Како што рече денеска на прес-конференција директорот Васил Скендеровски, газдата на Југохром има јасни намери - да вложи во систем за отпрашување, но смета дека државата треба да обезбеди рамноправни услови на пазарот за сите комбинати.

„Кога веќе бара системско решение, државата треба да обезбеди и услови за работа особено ако се земе предвид дека еколошката дозвола подразбира комплетна изградба на нови погони“, истакна Скендеровски во Стопанската комора, алудирајќи на проблемот со сопственоста на земјиштето.

Според него, не биле издржани и обвинувањата дека Југохром е најголемата причина за загадувањето на градот.

Одговорајќи на новинарски прашања, Скендровски посочи дека за состојбата има решение. Едното од нив е државата да обезбеди банкарски гаранции и да му овозможи на Југохром да земе кредит за еколошкиот систем.

Забраната за работа на Југохром истекува утре, а беше во рок на траење од 90 дена. Директорот Скендеровски информира дека изминатите три месеци успеал да ги задржи вработените, но ситуацијата веќе станува алармантна.

Во меѓувреме, синдикатот на Југохром најави дека во знак на протест поради исклучувањето на печките, утре од 11 до 13 часот ќе го блокира автопатот Тетово-Скопје кај наплатната рампа Желино.