Мандатарот за формирање влада во Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски не постигна договор за коалиција со ДУИ во предвидениот рок кој истече на полноќ. Во соопштението на ВМРО ДПМНЕ се наведува дека „формирањето влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не на нејзино продлабочување“ и затоа смета дека „одржување нови избори е зрело решение за надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение, како што се посочува натаму, само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии било програмски цели“. ДУИ во предвидениот рок не можеше да реши дали ќе ја продолжи коалицијата со ВМРО ДПМНЕ или ќе одбере некое друго решение. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи рече дека партијата немала доволно аргументи и време да се определи за една од петте можни опции. Тој порача дека ДУИ ќе ги продолжи консултациите и во наредните денови и повтори дека сите опции се отворени.