Од ВМРО-ДПМНЕ бараат нови избори откако ДУИ ја информираше јавноста дека не е постигнат договор за коалицирање со нивниот досегашен партнер во владата пред истекот на крајниот рок кој заврши на полноќ.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија, како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план“, е наведено во соопштенијето на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака, според нив, поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели.
„Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека остануват на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година.