Заев: Нова влада според мнозинската волја на граѓаните

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со словачкиот амбасадор Мартин Безак кого го информирал за очекувањата на СДСМ околу идните политички процеси коишто треба да придонесат кон нормализација на земјата.

Заев, како што соопшти СДСМ, очекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на 29 јануари да го врати мандатот и СДСМ да биде партијата која ќе ја формира идната влада.

- Македонија е исправена пред сериозната обврска за спроведување на реформските приоритети коишто произлегуваат од извештаите на Прибе и Европската Комисија, а кои ќе придонесат кон враќање на демократските процеси во државата. Оваа сериозна обврска може да ја спроведе само нова и одговорна влада формирана според изразената мнозинска волја на граѓаните за промени. Затоа очекуваме дека на 29 јануари, Никола Груевски ќе го врати мандатот и дека СДСМ ќе биде партијата која ќе формира влада која ќе работи во интерес на сите граѓани на Република Македонија, рекол Заев.