ЕК бара широк консензус за интеграцијата на Македонија во ЕУ

Портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич денеска рече дека комесарот за проширување Јоханес Хан со вчерашната изјава за формирање влада со уставно мнозинство во Македонија, мислел на потребата да се има широк политички консензус и широка коалиција за земјата да може ефикасно да се справи со многуте предизвици, јавува МИА. Спроведувањето на итните реформски приоритети, договорот од Пржино и решавање на билатералните прашања бараат силна посветеност на сите политички партии, посочи портпаролката Коцијанчич.

„Сите главни политички партии се за реформската агенда за ЕУ и се согласуваат дека патот кон ЕУ е стратешка цел на земјата. Ако тие работат заедно кон оваа заедничка цел, тие ќе имаат де факто уставно мнозинство, што е важно на патот кон еврoпската интеграција“ рече Коцијанчич.

Еврокомесарот Хан вчера на парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур рече дека сега земјата треба да добие влада и дека се надева оти ќе се влезе во транзициска фаза која ќе и дозволи да создаде влада која ќе може да се потпре врз едно уставно мнозинство. Тој нагласи и дека за напредок на патот за членство во ЕУ, Македонија ќе мора да го реши проблемот со името, за што ќе биде потребно уставно мнозинство.