Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, изрази надеж дека наскоро Македонија ќе постигне напредок во приближувањето до ЕУ. Одговарајќи на прашање на британскиот пратеник Марк Причард во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Хан потсети дека пред две години е постигнат договор кој има за цел да го поддржи процесот на реформи за да се приближи до ЕУ.
„Во рамките на тој процес, требаше да одржат предвремени избори, тоа е направено во декември. Сега земјата треба да добие влада и се надевам дека земјата ќе влезе во транзициска фаза која ќе и дозволи да создаде влада која ќе може да се потпре врз едно уставно мнозинство“, рече Хан, кој нагласи дека за напредок на патот за членство во ЕУ, Македонија ќе мора да го реши проблемот со името, за што ќе биде потребно уставно мнозинство.
Зборувајќи воопшто за земјите од западен Балкан, тој нагласи дека се интересни за инвеститорите и европските претпријатија, бидејќи сите бележат економски раст два пати поголем од земјите од ЕУ и имаат пазар од околу 20 милиони лица.