СЈО со нови истраги „Тарифа“ и „Тенк“

Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

СЈО соопшти денеска дека отвора две нови истражни постапки „Тарифа“ и „Тенк“. Во случајот „Тарифа“ осомничени се седум лица за злоупотреба на службената положба и овластување при набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Според СЈО, осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка, како што наведуваат од СЈО е 4.092.420 евра. Тие се товарат и дека неосновано одобриле исплати на парични средства за одржување на софтверот спротивно на Договорот на јавна набавка со што причиниле штета од 456.560 евра.

„Она што во конкретниот случај е од суштинско значење е дека од доказите произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако до сега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а согласно Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11.02.2013 година“, е наведено во соопштението на СЈО.

Во случајот „Тенк“ осомничени се две лица за злоупотреба на службената положба за дејствија случени од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година. Лицата, како што истакнуваат од СЈО, со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип.

Според СЈО, постои основано сомнение дека второосомничениот во постапка по јавни набавки иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.780 евра.