Активистки од феминистички и антифашистички движења денеска во центарот на Белград организираа „Женски марш против фашизмот“, сакајќи со тоа да укажат на растот на десничарските политички сили секаде во светот и на загрозувањето на правата на жените.
Маршот, на кој има околу 100 учесници, почна во Пионерскиот парк.
На чело на маршот има транспарент „Женски марш против фашизмот“, а дел од активистките пеат партизански песни. Дел од учесниците носат транспаренти „Женското тело ми припаѓа мене“, „Наши тела, наши умови“, „Наша слобода“, „Женска солидарност со активистките во САД“...
Организаторите велат дека целта на маршот е покажување солидарност со жените ширум светот кои сè повеќе се загрозени поради јакнењето на фашизмот и десницата. Велат дека ја прифатиле иницијативата на предлог на активистките од Вашингтон, кои се противат на изјавите на претседателот Доналд Трамп за жените за време на предизборната кампања.
На протестот може да се забележат и знамиња во боите на виножитото, кои ја претставуваат припадноста на ЛГБТИ заедницата, а маршот го следат силни полициски сили.