Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како скандалозна, срамна и политичка одлуката на Специјалното јавно обвинителство да го повлече обвинението за случајот „Пуч“. Во контекст на преговорите за формирање влада, на седницата ИК ја реафирмираше поддршката за лидерот на партијата Никола Груевски да продолжи со активностите во таа насока бидејќи, како што истакнуваат, волјата на граѓаните е императив. ИК, како што стои во соопштението, на вчерашната седница ја разгледуваше и анализираше последната скандалозна одлука на СЈО со која Зоран Заев по вторпат избегнува кривична одговорност за криминалот. Според ИК на партијата, политичката одлука на Јанева е најдобра потврда дека Заев и Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази.