Прва средба на Заев и Ахмети по изборите

Архивска фотографија- Претседателот на СДСМ Зоран Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, информираа од СДСМ. Во соопштението се наведува дека ова е прва средба на претседателите на двете партии по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11.12.2016 година.

„На средбата начелно се разговараше за позициите на двете страни коишто ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања .Во следниот период за очекување е дека ќе продолжат средбите помеѓу двете страни, за што јавноста навреме ќе биде информирана“ се наведува во соопштението.

Вчера претседателот на ДУИ Ахмети се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека на средбата акцентот во разговорите бил ставен на две точки и тоа анализа на резултатите од изборите одржани на 11 декември, кои беа оценети како слободни, фер и демократски, како и анализа на актуелната политичка состојба.