За ВМРО-ДПМНЕ СЈО е беспредметно, СДСМ тврди само на Груевски му пречи правдата

Архивска фотогравија- прес конференција на Специјалното јавно обвинителство

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска на прес конференција рече дека Специјалното јавно обвинителство станало беспредметна институција по спасувањето од судска и кривична одговорност и аболицијата што Катица Јанева, како што рече, му ја дала на Зоран Заев. Оваа реакција следува по одлуката на СЈО за повлекувањето на обвинението за предметот „Пуч“.

Првата и основна причина за формирањето и постоењето на СЈО, тврди Милошоски, била да се расчисти криминалот на Заев и Верушевски.

„Со оваа одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа сметаме дека јавноста треба да биде свесна дека СЈО веќе стана беспредметна институција“, рече Милошоски.

Од СДСМ преку соопштение реагираа на изјавата на Милошоски тврдејќи дека само на Груевски и соработниците им пречела правдата бидејки, како што пишуваат, ја знаеле својата одговорност.

„Пропадна безобразниот обид на поранешниот премиер Никола Груевски, за сопствен спас да ги лаже граѓаните со жолти комбиња, тактички опреми, клонирани базни станици“пишуваат од СДСМ.

Од таму додаваат дека со вчерашната одлука на СЈО се потврдило дека Груевски бил фатен во обидот да монтира политички случај наречен Пуч, а дека тој и раководство на ВМРО-ДПМНЕ биле единствените на кои им пречела независната институција Специјално јавно обвинителство.