За СЈО е јасно кој прислушкувал - „Пуч“ е ирелевантен

Прес-конференција на СЈО

СЈО се откажа од обвинението за „Пуч“ со цел да бидат прибавени дополнителни докази кои не може да бидат прибавени во фазата на главната расправа. За СДСМ, со одлуката на СЈО пропаднал обидот на власта за прогон на политичките противници.

СЈО се откажа од обвинението за случајот „Пуч“, во кој обвинет е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Опозицијата ја поздрави таквата одлука, а од ВМРО-ДПМНЕ регираа дека СЈО работи во корист на СДСМ. Причината, според обвинителството, е поради тоа што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои располагаат и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука“, се наведува во соопштението на СЈО.

Од обвинителството појаснуваат и дека со откажување од обвинението за случајот не прејудицираат дали некој е невин или виновен, туку сметаат дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавени во фазата на главна расправа.

Од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека СЈО е партиски огранок на СДСМ и на Сорос.

„Катица Јанева не е обвинител кој работи независно и согласно закон, туку по наредбите на Заев и нарачателите од странство“, порача Трајко Вељаноски од ВМРО ДПМНЕ.

Според него, со одлуката, СЈО целосно се делегитимирало и самото се откажало од основната функција за која што било формирано. Вељановски истака и дека од денеска Заев е криминалец кој е аболициран по втор пат и дека покрај тоа што бил заштитен од криминална одговорност за „Пуч“, тој ќе мора да се соочи со правдата.

СДСМ ја поздрави одлуката.

„Пропадна најголемиот, најочајниот и најнискиот обид за судски монтиран процес во независна Република Македонија, инициран од поранешниот премиер Никола Груевски“, соопштија од опозициската партија.

Со одлуката, според СДСМ, се потврдило дека странските служби се измислица на Груевски и случајот ќе останел запишан во историјата како еден од обидите на власта за прогон на политички противници, но и доказ и поука оти никој не може да ја спречи правдата.

Судењето за случајот на последното рочиште беше одложено на неопределено време, бидејќи две од судијките поротнички немаа безбедносни сертификати. На судењето не се појави и сведокот на обвинителството, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Во случајот, освен Заев, обвинети се и поранешниот шеф на разузнавање Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, како и Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Во истрагата „Таргет“ на СЈО, осомничени се 10 лица од УБК дека од 2008 година до 2015 година незаконски прислушувале илјадници телефонски броеви. Но, уште поважно, обвинителството соопшти дека тоа не го правеле странски служби, како што упорно тврдеше ВМРО-ДПМНЕ, туку токму УБК.

Двата системи, пак, со кои се вршело прислушувањето, како што покажа истрагата „Тврдина“ биле уништени во 2015 од УБК и со амин на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Целта, според СЈО, била токму да се прикрие како се вршело прислушувањето.

За скандалот со прислушувањето немало да се дознае доколку еден од вработените во УБК, според доказите на СЈО, не одзел дел од аудио записите и транскриптите кои потоа завршиле кај Заев. Тука се испреплетуваат истрагите „Таргет“ и „Тврдина“ со „Пуч“.