СЈО се откажува од Пуч

Архивска фотографија, изјава за медиуми на Зоран Заев, претседател на СДСМ по рочиштето за случајот Пуч.

Специјалното јавно обвинителство се откажува од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како Пуч. Во соопштението што го објави СЈО е наведено дека причина за тоа е што фактичката состојба во тој предмет е во спротивност со доказите и наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“. Од СЈО велат дека денеска до Основниот суд Скопје 1 ќе достават поднесок со кој формално ќе се откажат од предметот.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука,“ се вели во соопштението.

Од СЈО појаснуваат дека не можат да застапуваат обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаат и истрагите кои ги отвориле.

„Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа, “ е наведено во соопштението.

Во предметот Пуч првообвинет е поранешниот шеф на разузнавање Зоран Верушевски, потоа неговата сопруга Соња Верушвска, вработен во општината Струмица Бранко Палифров и лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Еден од обвинетите Звонко Костовски, се спогоди со Обвинителството и беше осуден на казна затвор во траење од 3 години.

Судскиот предмет досега помина низ низа одложување на рочиштата без при тоа да започне расправа за предметот.