Формирано е граѓанско движење „Стоп Операција Сорос“. Иницијативниот одбор сочинет од основачите Никола Србов, Цветин Чилиманов и Ненад Мирчевски тврди дека ќе придонесе во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија.
Инаку процесот на „десоросизација“ го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, читајќи го прогласот пред седиштето на Државната изборна комисија, пред Нова година, кога комисијата одлучуваше за изборните жалби.
Основачите велат дека во изминативе години, а посебно последните две години, македонскиот народ бил сведок на грубо уривање на институциите на државата и одземање на суверенитетот од рацете на граѓаните.
„Ги повикуваме сите слободоумни и правдољубиви граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, вера, пол или политичко убедување, но со јасно изразени демократски вредности, да ни се приклучат во борбата против едноумието во граѓанскиот сектор осмислено и предводено од Џорџ Сорос“, велат основачите.
Тие додаваат дека граѓанското движење „Стоп Операција Сорос“ најпрво ќе започне со работа преку отворање на прашања и давање на одговори за начинот на кој што делува Сорос во Македонија.