Второто подготвително рочиште за предметот познат во јавноста како „Тврдина 2“ заврши со нова обврска која Судот му ја наложи на Специјалното јавно обвинителство. Според барањето на Судот, СЈО треба да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до МВР за дообјаснување околу барањето на ова обвинителство за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации во случајот. Следно подготвително рочиште е закажано за 13 март.
СЈО тврди дека не бара доказите кои сака да ги употреби во случајот да бидат декласифицирани, туку да може да ги видат и слушнат лица кои имаат обезбедено безбедносен сертификат.
Од одбраната во текот на рочиштето тврдеа дека требало СЈО доказите да ги набави пред почнувањето на судскиот процес, додека обвинителите од СЈО рекоа дека до следното подготвително рочиште повторно ќе се обидат и ќе направат се што е во нивна моќ за да ги добијат доказите кои ги бараат.
На подготвителното рочиште беше утврдено дека една од адвокатите на обвинетите Јована Тасевска нема безбедносен сертификат, што значи дека доколку не го набави истиот, нема да може да изврши увид во доказите кои се сметаат за класифицирани.
И повторно на ова рочиште не беше дозволено медиумите да ги снимаат обвинетите седнати на обвинителна клупа.
На судењето денеска беа присутни сите седум обвинети, односно поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и шесте негови колешки, кои се товарат за уништување документација поврзана со системите од незаконското прислушување.
На претходната подготвителна расправа за судењето за „Тврдина 2“, која се одржа на 28 ноември минатата година, судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да побара дозвола од органот што ги создал тие податоци да бидат користени во судска постапка, односно да бидат декласифицирани со степен за употреба во судска постапка.