Ветувања за спортски комплекс во Битола, а салата нереновирана

Спортската сала „Младост“ во Битола.

Власта ветува изградба на спортски комплекс во близина на спортската сала „Младост“, која долго чека да биде реновирана. Опозицијата забележува дека власта имала десет години спортски да ја развие Битола, но не се реновирани ниту салата, ниту стадионот, а сега се ветува спортски комплекс.

За битолски услови, изградба на чудо од спортски комплекс најавуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Битола. Тие деновиве излегоа на прес-конференција, на која беа поканети само локалните телевизии и изјавија дека започнала процедурата за обезбедување на документација, а објектот ќе се гради в година. Комплексот ќе треба да никне во битолската касарна, во непосредна близина на спортската сала „Младост“, која веќе долг период чека да биде реновирана.

Битолчани со поделени мислења, едни веруваат дека комплексот ќе се изгради, а други не.

„Десет години се на власт, ништо не направија за спортската сала во Битола. Сега можеби ќе прават, но кој да им верува?“

„Убав план имаат.“

„Да се работи како што треба, чесно, поштено.“

„Не очекувам нешто да се смени, ќе видиме времето ќе покаже“, велат анкетираните граѓани.

Зоран Илиоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, рече дека комплексот ќе чини 13,5 милиони евра и со него Битола ќе добие спортски центар каков што заслужува.

„Општина Битола веќе ги започна процедурите за обезбедување на проектна документација и други подготвителни активности за почеток на изградба на спортскиот комплекс од следната година. Ќе се состои од три објекти, голема спортска сала со капацитет од 6.000 седишта на 9600 метри квадратни, како и мала помошна сала со 500 седишта, затворен базен со два корита на 2.400 метри квадратни, со голем базен, според меѓународни стандарди за натпревари со 500 седишта и мал помошен базен за обука на непливачи. Третиот објект ќе биде на две нивоа на 1.600 метри квадратни со гимнастичка сала, трибина од 300 седишта и сала за боречки вештини на вториот кат, и двете опремени со справи и соодветни услови за меѓународни натпревари“, рече Илиоски.

На ова реагираше опозицијата, критикувајќи дека во изминатите години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт имаше можност да го изгради центарот, да ја реновира спортската сала „Младост“, стадионот „Под Тумбе кафе“, да изгради покриен базен. Ништо од тоа не направија, а сега ги манипулираат граѓаните, вели советникот од СДСМ, Методија Илиевски.

„Каков спортски комплекс, спортски сали, базени, какви чуда ветуваат пратениците Зоран Илиоски и Лијана Кузмановска, кои во минатото гласаа против повеќе амандмани за доброто на Битола, а сега повторно ги манипулираат граѓаните. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период не успеа да ги реконструира спортската сала и стадионот во Битола“, рече Илиевски.

Во Битола пред предвремените парламентарни избори започне реконструкцијата на една од трибините на стадионот, а тогаш од општината најавија дека напоредно ќе се одвива и реновирањето на салата „Младост“. Битолчани се во исчекување да видат како спортски ќе се развива Битола во следниот период.