Во врска со соопштението на партијата ДУИ, мултиетничката коалицијата „За подобра Македонија“ составена од 25 партии и предводена од ВМРО-ДПМНЕ повторува и потврдува дека не се согласува, нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Причините досега се образложени повеќе пати во јавноста, а се темелат на заложбата за унитарна држава, заштита на Уставниот поредок, нашите политички заложби изнесени во предизборниот период, Охридскиот Рамковен договор, како и на договорот од јуни-јули 2015-та кој оваа коалиција доследно го почитуваше како што беше договорено и потпишано, и нема намера да го менува“,пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Груевски нагласуваат дека независно на исходот околу составување Влада во следниот период, независно дали ќе се формира нова Влада и кој ќе ја формира, што и да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговара ниту пак ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО.
„ СЈО нема никаква врска со правдата, тоа е политички инструмент во рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија, и нејзините граѓани. СЈО е копче кое ќе биде стиснато секогаш кога било кој ќе се осмели да не игра така како што некој од надвор му сервира и диктира“пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ СЈО била алатка со која се деградира и негира суверенитетот и независноста на македонската држава.
„Недозволувањето за продолжување на мандатот на СЈО не е страв туку храброст и пркос“ пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.