Демократската унија за интеграција (ДУИ) нема префериран партнер во македонскиот политички блок, а интересот за одржување на стабилност на државата го става над партиските интереси и калкулации, се заклучоците од денешната седница на Централното претседателство на партијата.
Рамноправна употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во ЕУ, како и продолжување на мандатот на СЈО со цел расветлување на сите сомнежи кои произлегуваат од мегаскандалот со прислушувањето, како што стои во партиското соопштение, се целите кои како услови не можат да бидат предмет на преговарање.
"Свесни за одговорната и одлучувачка улога на ДУИ во ориентирањето на политичките процеси во државата, во духот на унифицираниот став на албанските политички партии во Македонија и врз основа на платформата на партијата, ДУИ започна сеопфатен консултативен процес со партиската структура и граѓаните, анализирајќи ги геополитичките, регионалните и домашните случувања и импликации", се наведува во соопштението.
Централното претседателство на ДУИ, како што додаваат, останува во континуирано заседавање се до завршување на овој консултативен процес.