Британски совет и Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Република Македонија неодамна ја обнародија публикација „Модата и културното наследство: интердисциплинарниот пристап во нивното поврзување“, која е сублимат на истоимениот проект од изминатите повеќе од две години, а во чии рамки, меѓу другото, беа реализирани работилницата „Модата како уметност“ и изложбата „Свадбени приказни“. Публикацијата, во суштина, ги документира процесот и финалните дела кои во меѓувреме произлегоа, а во чија реализација учествуваа и НУ Музеј на Македонија и Моден Викенд Скопје.
Фактографски следот на настаните се движел по оваа траекторија. Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Република Македонија и неговиот тим наставници и студенти се ангажирале во водење и менторирање на студентите, подготовката на изложбата и составување на публикацијата. Раководството и стручните лица од Музејот на Македонија овозможиле стручни, технички и просторни услови за работа и направиле извонреден избор од богатата збирка која послужила како основа за креативната креација и модната поставка.
Моден викенд Скопје, од своја страна, го вклопил овој проект и придружната изложба во концепцијата на нивното модно издание есен/зима 2015-16.
Уредници на публикацијата се професор Гордана Вренцоска и Жарко Конески од Британски совет. Тие појаснуваат дека со своите партнери споделиле заедничка цел – поддршка на потенцијалот на млади креативци, поголем интерес на модните дизајнери и општата публика за богатото културно наследство и презентација на креативната синергија помеѓу современата мода и традиционалните шари, ткаенини и облеки преку изложба наменета за широката публика.
„Британскиот совет работи на полето на културните врски и образовни можности помеѓу Велика Британија и Република Македонија и во рамките на тие активности организира различни проекти во којшто поврзува стручни лица, учесници од двете земји. Една од тие активности беше и проектот за поврзување на модата и културното наследство со што сакавме да поврземе и институции од различен карактер, образовни институции, културни институции, млади дизајнери од двете држави коишто ќе го искористат богатото културно наследство на Македонија и ќе креираат некаква своја модерна интерпретација. Сакајќи да ги зачуваме сите елементи од овој проект, решивме тоа да го објавиме во една публикација со којашто ќе го опфатиме не само тоа што беше направено туку и ќе понудиме една елаборација којашто може да остане и како инспирација за понатаму“, вели Коневски.
Професор Гордана Вренцоска, пак, истакнува дека со проектот „Модата и културното наследство“ тие сакале да нагласат два аспекта во модата – модата како уметност и модата како наука. Појаснува дека со изложбата „Свадбени приказни“, којашто била дел од самиот проект и којашто била реализирана во Музеј на Македонија во 2015 година, всушност ја потенцирала уметничката вредност на модата. Од друга страна, како што вели, публикацијата „Модата и културното наследство“ го допира теорискиот дискурс и научниот пристап во бавењето со модата. Од таму со публикацијата тие сакале да остават материјал кој ќе го користат идните дизајнери и теоретичари во Македонија, па и пошироко.
„Иницијалната идеја за проектот „Модата и културното наследство беше да се поттикнат модните дизајнери да го согледаат неисцрпното богатство што го нуди нашето културно наследство. Ние се надеваме дека успеавме во целиот тој процес да направиме една провокација кај младите дизајнери за да се навратат малку кон нашето минато за да можат да создадат некаков иден правец, некаква нова енергија, нова сила во модата во Македонија. Наше мислење е дека успеавме во тоа. Публикацијата штотуку се објави и се надеваме дека ќе биде еден материјал којшто понатаму ќе послужи во идните истражувања на ова поле во нашата држава и се разбира на глобално ниво“, вели таа.
Конечно, потписниците знаат да кажат и тоа дека публикацијата не се осврнува само на делата создадени од младите дизајнери. Низ примерот на посочената соработка се дава и преглед на капацитетот на креативните индустрии кои може да понудат развој, соработка, вмрежување и културен и економски напредок на едно креативно и иновативно општество.