Нова година, стара шема. Министерството за финансии денеска го стартува новиот циклус на задолжување по старата пракса, побара повеќе пари од стопанството на заем од тоа што доспева како долг. Според планираното, Министерството денеска се задолжи за речиси 32 милиони евра, а веќе утре државата ќе треба да врати долг од 15 милиони евра. Министерството за финансии се задолжи на аукција на државни хартии од вредност, а парите ќе треба да ги врати во текот на една, две и 15 години.
Економистите сметаат дека новото задолжување, двојно повеќе од потребното, е преседан, затоа што во овие политички услови, техничката влада треба да ги извршува само неопходните функции до составувањето на новата влада. Тоа значи дека треба да се задолжува само онолку колку што треба да врати.
Економскиот аналитичар и поранешен пратеник Слободан Најдовски, вели дека дополнително загрижуваат и контрадикторните изјави на министерот Кирил Миновски, кој само пред десетина дена тврдеше дека буџетот е во добра кондиција, а сега побарува двојно повеќе пари без при тоа да и соопшти на јавноста за што ќе се потрошат тие пари.
„Моето сомневање во овој момент е дека тоа го прават, знаејќи дека се во заминување, да извршат исплати за многу матни зделки кои се направени во минатата година. Автоматски со тоа ќе покажат дека и дефицитот кој што го покажуваат дека е под три отсто во фактичката состојба е повисок“, вели Најдовски.
Објаснувањето дека тие пари се за буџетски потреби, не држи вода, затоа што овој месец додека се очекува формирање на нова влада, a техничката влада треба да ги обавува само основните функции за буџетските корисници, смета Најдовски. Тој додава дека e неетички техничката влада да презема дополнителни финансиски обврски.
„Не само што не треба да се задолжува Министерството, односно државата, не треба да се преземаат никакви финансиски обврски на подолгорочен период во ова време додека има функција на техничка влада, така е и со тендерот за нов Клинички центар во Скопје или за најавите за Клинички центар во Штип и други тендерски постапки кои што ги споведува оваа влада“, вели Најдовски.
Според објавениот план за задолжување, минатогодишното темпо ќе се преслика и во оваа година. Во првиот квартал годинава предвидено е три пати месечно државата да се задолжува. Само во јануари државата треба да врати речиси 39 милиони евра. А во текот на февруари и март доспеваат долгови во вредност од 216 милиони евра.
Во меѓувреме, СДСМ бара од министерот за финансии, Миновски, да објасни за што ќе се искористат дополнителните 17 милиони евра кои ги побарува државата со новото задолжување.
Во писмената реакција на Министерството за финансии е наведено дека и покрај политичката проганда на СДСМ да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, довербата на инвеститорите е огромна и довела до намалување на каматата.
„За скоро три пати беше поголема побарувачката од понудата на државни хартии од вредност на денешната аукција. Сепак, иако инвеститорите побаруваа државни хартии од вредност во износ од над 5 милијарди денари, Министерството запиша 1,9 милијарди денари согласно понуденото во проспектот. “
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека СДСМ со својата шпекулативна политика и манипулирањето со јавниот долг, ја зголеми каматата на еврообврзницата и ги чинеше македонските граѓани 30 милиони евра повеќе.
Според последните објавени податоци од министерството за финансии заклучно со третиот квартал од 2016-та година јавниот долг достигна скоро 4,7 милијарди евра или 50,6 проценти од Бруто домашниот производ, што претставува рекордно измерено ниво на јавен долг.