Ердоган очекува со Трамп да се забрза дијалогот меѓу двете земји

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави оти верува дека дијалогот со САД ќе напредува по стапувањето на должност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и дека двете земји ќе постигнат консензус за регионалните прашања.

Тој пред турските амбасадори на конференцијата во Анкара рече дека верува дека ќе го забрзаат дијалогот кога Трамп ќе ја преземе должноста.

Турција бара од САД да го екстрадираат исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за преврат во јули минатата година. Актуелната администрација во Вашингтон го одби ваквото барање со образложение дека не добила недвосмислени докази за вмешаност на Ѓулен во превратот.

Исто така, двете земји кои се сојузници во НАТО имаат несогласувања во врска со американската поддршка на милитантната група на сириските Курди, Сили за заштита на народот, кои Анкара ги смета за терористичка организација поврзана со Курдската работничка партија (ПКК).