Две од страните кои ја потпишаа платформата на Албанците, Алијансата за Албанците и Беса веднаш по доделувањето на мандатот за состав на новата влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, најавија дека нема да соработуваат со него.
Зекирија Ибраими потпретседател на Беса, изјави дека неколку пати кажале дека нема да одговараат на ниту една покана од Никола Груевски за каква било комбинација за формирањето на новата влада. На прашање дали ќе коалицираат ако се прифатат нивните барања од Беса се децидни дека не станува збор за какви било услови.
„Уште од старт не можеме да зборуваме за исполнување на какви било услови затоа што ние јасно истакнавме дека во идната влада не треба да не бидат опфатени лица кои што се предмет на истрага на СЈО, каде што по се изгледа Груевски е клучниот човек“, изјави Ибраими.
Арбен Таравари секретар на Движењето за реформи-ДПА вели дека се изненадени од денешното доделување на мандатот, бидејќи, како што додава, во Уставот се наведува дека мандатот се доделува на тој што успеал да обезбеди 61 пратеник односно мнозинство.
„Но како и да е, ние Албанците, веќе го имаме унифицирано нашиот став преку заедничката платформа. Ние како Алијанса за Албанците апсолутно не сакаме да слушнеме за соработка со лицето Никола Груевски кој водеше една шовинистичка кампања во текот на предизборието“, изјави Таривари.